Роналдо по бравурата во Вилнус: Убаво е чувството, ама не играм за рекорди!

Португалската гол-машина Кристијано Роналдо урна еден куп рекорди синоќа со четворката во Вилнус против Литванија, но и покрај фантастичниот голгетерски ефект, често самобендисаниот фудбалер на Јувентус сепак го стави тимот во преден план и победата со која е направен нов исчекор кон пласман на Евро 2020.

Роналдо после четирите гола со кои стигна до 93 погодоци за националниот тим посочи дека многу повеќе се радува што Португалија игра на врвно ниво, отколку на головите, иако признава дека убаво е чувството после ваков голгетерски ефект.

„Добро се чувствувам, гордост е да се носи националниот дрес, имаме убави моменти во последно време и тоа што ме радува, не головите, туку нивото на кое играме. Најтешките мечеви поминаа и близу сме до Евро 2020. Со една победа од следните два меча, практично ќе ја завршиме работата. Јас многупати сум кажал дека фудбал не играм за да уривам индивидуални рекорди. Ова сето е плод на тимска работа. Но, нема да лажам – убаво е чусвтвото после четири гола. Среќен сум, погодив со Србија, сега четири со Литванија. Само да продолжиме вака“, вели Роналдо.