ПСЖ направи нешто што досега не ѝ успеало на Барселона

Актуелниот европски првак Пари Сен Жермен ќе игра во финалето на Лигата на шампионите вторпат по ред.

Во 21 век, само пет екипи досега успеале да стигнат до финалето барем две години по ред, а ако се оди поназад, од формирањето на Лигата на шампионите, во ова друштво влегуваат уште три клуба. Во овој век, тоа им успеа на: Реал Мадрид (2016, 2017, 2018), Ливерпул (2018, 2019), Баерн Минхен (2012, 2013), Манчестер Јунајтед (2008, 2009) и Валенсија (2000, 2001) со тоа што шпанскиот тим е единствен кој не освои барем една титула. Од 1992 до 2000 година, таков подвиг направија уште: Милан (1993, 1994 и 1995), Ајакс (1995 и 1996) и Јувентус (1996, 1997 и 1998 година). Интересно е тоа што клуб како Барселона и покрај доминацијата во Лигата на шампионите во еден период и со две тројни круни во една деценија, никогаш не успеа да направи серија од барем два пласмана во финалето од Лигата на шампионите.

Од тимовите за кои станува збор, само Реал Мадрид го кренал трофејот во сите наврати во кои стигнале до големото финале во низа. „Кралевите“ со тоа остануваат единствениот клуб што го освоил натпреварувањето во последователни години, и пред 1992 година, кога се нарекуваше Куп на европски шампиони и во обновениот формат на Лигата на шампионите од сезоната 1992/1993.

Пари Сен Жермен има шанса да стане вториот тим во ерата на Лигата на шампионите што го освоил трофејот две години по ред, доколку триумфира на „Пушкаш Арена“ во Будимпешта, Унгарија, против Арсенал на 30 мај.