
Приказната за Дезире Дуе – новата ѕвезда на светскиот фудбал и херојот на ПСЖ!
Младиот Французин забележа асистенција за првиот, а потоа и постигна два гола по ред, со што директно учествуваше во првите три погодока на својот тим. Со таквиот учинок, Дуе не само што беше најдобриот играч на натпреварот, туку влезе во историјата како најмладиот фудбалер кој учествувал во три гола во едно финале на ЛШ. Истовремено, стана само шести играч кој на финален натпревар успеал да забележи гол и асистенција – но единствен кој тоа го направил на само 19-годишна возраст.
Одлуката на тренерот Луис Енрике да го стави Дуе во стартниот состав изненади дел од јавноста, со оглед дека многумина очекуваа предност да добие Бредли Баркола. Но, довербата се исплати – Дуе одигра натпревар од соништата, со кој ја потврди сопствената класа и потенцијалот што му беше препознаен уште пред неговото доаѓање во Париз. Тој е роден во Анже на 3 јуни 2005 година како дете од мајка Французинка и татко од Брегот на Слоновата Коска. Фудбалската кариера ја започнал во академијата на Рен, каде што се разви во еден од најперспективните играчи на својата генерација. За првиот тим на Рен одигра 76 натпревари, постигнувајќи 8 гола и 7 асистенции, што беше доволно да го привлече вниманието на ПСЖ.
Парискиот клуб минатото лето плати 50 милиони евра за неговите услуги, а веќе во дебитантската сезона тој се наметна како неизоставен дел од тимот. На вкупно 54 натпревари во сите натпреварувања постигна 15 гола и 16 асистенции. Само во Лигата на шампионите има пет гола и четири асистенции на 16 настапи, што дополнително ја нагласува неговата важност во европската кампања на „светците“. На репрезентативен план, Дуе има настапи за сите младински категории на Франција. Минатото лето играше на Олимписките игри во Париз со селекцијата до 23 години и освои сребрен медал, а во март оваа година дебитираше и за сениорскиот национален тим.
ПСЖ по неуспешниот проект со Нејмар, Меси и Мбапе, започна процес на обнова со нова генерација на играчи, меѓу кои е и Дуе. Овојпат, стратегијата се покажа успешна. Момчето кое како дете ги обожувало Меси и Нејмар, успеа да направи нешто што ниту едниот ниту другиот не го постигнаа во Париз – да го донесе пехарот од Лигата на шампионите во витрините на клубот.
ФОТО: EPA PHOTO