
Полски репрезентативец тешко повреден во сообраќајка - смртно настрада сестра му!
Несреќата се случила во местото Голице, близу градот Плоцк, кога со автомобил излетал од патот и удрил во дрво. Возилото, според првичните информации, не се движело со голема брзина, а причините за несреќата допрва ќе се испитуваат. Не е познато ниту кој од нив двајца бил зад управувачот на возилото.
Јежевски, кој е член на академијата на Легија Варшава, е хоспитализиран со тешки повреди. Лекарите се борат за неговиот живот. Неговиот клуб Легија ја потврди трагедијата и изрази сочувство до семејството на младиот играч.
„Ксавери е хоспитализиран во тешка состојба по трагична сообраќајна несреќа во која загина неговата сестра. Целата академија – управата, тимот, соиграчите и тренерите – изразува длабоко сочувство до неговите родители. Ќе му пружиме целосна поддршка нему и на неговото семејство“, стои во соопштението на клубот.
Јежевски се смета за еден од најталентираните млади напаѓачи во академијата на Легија. Неговиот тренер, Рафал Матусијак, истакна дека се работи за професионален и амбициозен фудбалер кој на последните натпревари постигнал 17 голови и бил најдобар стрелец на екипата.
„Тој е вреден, сигурен и посветен спортист со голем потенцијал за успех во фудбалот“, изјави Матусијак.
Оваа трагедија потсетува на неодамнешна сообраќајна несреќа што се случи на автопатот А-52 во шпанската провинција Самора, каде животот го загубија португалскиот фудбалер Диого Жота и неговиот три години помлад брат Андре Силва.