Официјални состави: Јаневски направи промени само во одбраната
Јаневски мораше да менува во одбраната на црвено-црните, затоа што првиот избор на стопери Евгениј Новак и Дарко Велковски се повредени, па Висар Муслиу, кој остави добар впечаток и на прволигашките мечеви сега ќе му биде партнер на капитенот Бобан Грнчаров во стоперската линија. На левата бековска позиција се враќа Бесир Демири, кој против Зенит го замени Владица Брдаровски на оваа позиција, откако бившиот репрезентативец се повреди по половина час игра на „Филип Втори“.
Останатите деветмина што вечерва ќе истрчаат против Розенборг се исти како и на дуелот со Зенит, па Филип Гачевски е на голот, Хофханес Хамбарџумјан, Бобан Грнчаров, Висар Муслиу и Бесир Демири се дефанзивната четворка. Во средниот ред Бобан Николов, Никола Глигоров се централни играчи за врска, Дејан Блажевски и Јамбул Џигаури ќе бидат крила, а Фелипе како полушпиц ќе игра зад најистурениот Тигран Барсегјан.