Бугарите плачат: Сакаат 500 билети за гостувањето во Скопје, ама ќе добијат - четири пати помалку!

Софиска ЦСКА на 21 јули ќе ѝ гостува на Македонија ЃП во првиот меч од второто коло во Конференциската лига на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот на ФФМ, но уште отсега „армејците“ почнаа да плачат зашто им следувале малку билети за нивните навивачи.

Како што објавуваат дел од бугарските медиуми, ЦСКА посакува и ќе бара 500 влезници, иако им следуваат само 125 според пропозициите за 5 отсто од капацитетот на стадионот за гостински приврзаници.

Бугарите најавуваат дека ќе преговараат со раководството на „лавовите“ да добијат поголем број на билети, зашто мечот сепак се игра на мал стадион со нешто повеќе од 2.000 гледачи, па ако од Ѓорче им излезат во пресрет за таква бројка, тоа би значело една четвртина од стадионот да биде со приврзаници на ЦСКА.

Македонија ЃП според ждрепката требаше дома да игра во реваншот, но УЕФА ги смени домаќинствата, па така сега првиот меч ќе се игра во Скопје, а реваншот една недела подоцна во Софија.