Нов скандинавски предизвик за Вардар – Розенборг е шанса за прв(и) бод(ови)!
Розенборг е шансата на Вардар за први бодови во големото друштво, откако црвено-црните во август го направија најголемиот успех и напишаа историја, како прв клуб што обезбедил европска есен во групна фаза во едно европско натпреварување. Откако вардарци доживеаа убедлив пораз од руски Зенит во Скопје и го почувствуваа натпреварувањето, па сега од нив се очекува вечерва да одиграат и поумно и подрско и да покажат дека на дебито Вардар не го покажа вистинскиот лик.
Самиот пласман во Лига Европа е успех и црвено-црните од секој меч може само многу да добијат, најмногу на искуство од играње силни европски мечеви, но тоа не значи дека Вардар треба однапред да се предаде и ривалите да ја полнат мрежата на скопјани. Без оглед што Розенборг има четирипати повеќе европски мечеви, што една децеија постојано беше дел од Лигата на шампионите, Вардар ќе мора денеска да покаже многу повеќе од само желба за успех. Победите во двата тешки мечеви изминатава седмица во домашниот шампионат ја вратија победничката атмосфера и самодовербата во екипата.
„Ние го респектираме нашиот противник, затоа што има големо искуство во Европа, но ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Розенборг е добар како колектив, но подготвени сме да се надигруваме. Не можам да кажам дека сигурно ќе победиме, тоа е тешко да се каже особено на вакви натпревари, но во Трондхајм дојдовме да одиграме добар натпревар, а се наевам дека тоа ќе ни донесе позитивен резултат. И ние и Розенборг имавме лош старт во групната фаза од Лигата на Европа, и сега на некој начин двата тима ги посакуваме првите бодови“, најави тренерот на вардарци Чедомир Јаневски.
Во таборот на Розенборг најавија дека ги очекува тешка задача против Вардар и признаваат Норвежаните дека двата тима се на исто ниво, а самиот факт дека црвено-црните ги победиле Малме и Фенербахче им кажува дека тие нема да имаат лесна задача на „Леркендал“. За Вардар ова е трет скандинавски предизвик во оваа година, откако во квалификациите за Лигата на шампионите веќе се судри со шведскиот и данскиот шампион, Малме односно Копенхаген. И во двата двомечи, нијанси решаваа за патникот во следната рунда, а Вардар по тие два двомечи има скор од две победи, реми и еден пораз, што значи дека црвено-црните имаат и квалитет и капацитет да се надигруваат со Скандинавци.
Досега македонски клуб со норвешка екипа немаат играво во европските купови, а дури 14 меча има на сите останати нивоа, репрезентација, младинци, жени, футсал во кои Македонија немала ниту една победа. Сега е шансата Вардар да го скрши мразот, иако во црвено-црниот табор денеска би биле задоволни и со бод од ова гостување. Розенборг во последно време и не е така убедлив дома, како во минатото, па во послендите 11 домашни мечеви имаат само два триумфи, но и Вардар нема бројки за пофалба, затоа што на послендите 13 гостувања победија само во Истанбул против Фенербахче (2-1).