Николов: Уште еднаш докажавме дека победата над Реал Мадрид не била – случајна!

Фудбалерите на Шериф Тираспол и во синоќешното последно коло од групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) потврдија дека се најголемо изненадување сезонава, откако финишираа со реми на гости кај Шахтјор (1-1) како потврда на третото место и продолжувањето во Лига Европа.

Јунак во молдавскиот состав беше нашиот Бобан Николов, кој влезе во второто полувреме и беше стрелец на изедначувачкиот погодок во судиското продолжение од средбата. Тој смета дека ова реми е огромно остварување за неговиот тим, со оглед што противникот на клупата го има тренерот за кој се вели дека е копија на Пеп Гвардиола.

„Покажавме дека сме зрел тим, дека не се плашиме од никого и дека заслужено ќе играме во Лига на Европа. Среќен сум за резултатот кој го оствари мојот тим, без разлика на тоа кој ќе го постигнеше голот. Игравме добро во второто полувреме и воопшто не се приметуваше на теренот дека играме против великан како Шахтјор, предводен од еден од најталентираните млади тренери, Роберто Де Зерби, кој е како Гвардиола. Ја ‘затворивме’ Лигата на шампионите како што посакуваме и уште еднаш докажавме дека победата над Реал Мадрид не била случајна“ изјави Николов.

Шериф групната фаза ја заврши со седум бода, зад Реал Мадрид и Интер, а пред Шахтјор.