Внимание: Навивачите на Зенит се загреваат за Скопје со - тепање руска полиција!

Дуелот на македонскиот шампион Вардар против поранешниот освојувач на Купот на УЕФА, Зенит од Санкт Петербург, на дебито на црвено-црните во Лига Европа в четврток, на Националната Арена „Филип Втори“ ќе донесе околу 200 навивачи на рускиот тим, кои се добро познати на ултрас-сцената во Европа.

Навивачите на Зенит имаат еден куп сериозни инциденти зад себе и во Европа и во Русија, познати и поради расистички навреди, но и истакнување на фашистички симболи поради кои клубот плаќаше сериозни казни.. Тие вчера во Москва повторно направиле инцидент и се конфронтирале со полицијата. Зенит гостуваше кај Динамо на „Арена Химки“, а навивачите на вардаровиот противник се истепале со полицијата.

Според „РИА Новости“, група од 50 хулигани на Зенит почнале да ги провоцираат навивачите на Динамо и влегле во клинч со полицијата, која спречила ситуацијата да излезе од контрола и да има масовна пресметка помеѓу двете групи. Била вклучена и коњица за да се спречат инциденти, па полицијата успеала да ги спроведе ултрасите во гостинскиот сектор.

Навивачи на Зенит пред цела деценија (ноември 2006) беа во Скопје за да ја бодрат руската репрезентација во квалификацискиот циклус за пласман на Евро 2008, кога се степаа со македонската полиција поради една парола, која припадниците на јавниот ред и мир сакале да им ја одземат.

Зенит на својата официјална страница објави дека продава билети за пресметката со Вардар во Скопје по цена од 700 рубљи (600 денари) и тие билети до утре се достапни за сите навивачи, кои сакаат да купат влезница притоа да приложат документ за идентификација, како и за сите регионални фан-клубови на тимот од Санкт Петербург. Според најавите, се очекува бројка околу 200 навивачи кои со чартер(и) ќе дојдат во главниот град.