„Милионерите“ рутински во Истанбул, „шерифот“ Николов со победа дебитира во ЛШ (ВИДЕО)

Фудбалерите на Борусија Дортмунд победнички го почнаа настапот во Лигата на шампионите (ЛШ), откако вечерва, во Истанбул, рутински го совладаа тимот на Бешикташ (2-1).

„Милионерите“ релативно лесно дојдоа до првите два гола уште во првото полувреме, во кое домаќинот имаше само една шанса преку Батшуаи во шестата минута, чие промашување потоа го казнија Белингем во 20. минута и Халанд пред заминувањето на одмор. Германците можеа до врв да ја наполнат мрежата на домаќинот, но промашија неколку зицер-ситуации, поради што за малку ќе беа казнети. Бешикташ во 94. минута го намали резултатот, но немаше време, ниту сили за целосно да го шокира противникот.

Победничко деби во ЛШ имаше молдавското чудо Шериф Тираспол, кој на домашен терен го совлада фаворизираниот Шахтјор (2-0). Траоре во 16. минута и Јансане во 62. минута беа творци на фантастичниот успех на домашниот тим. Македонскиот репрезентативец Бобан Николов доби шанса во финишот од средбата, откако во 85. минута влезе на местото на Кастанеда, доволно да му се впише победничко деби во најсилното клупско натпреварување.