Ливерпул стана прв англиски тим кој успеал да победи на сите шест меча во групите во ЛШ

Англискиот великан Ливерпул и шесткратен европски првак влезе во историјата на англискиот фудбал, како прв премиерлигаш кој успеал со максимален ефект од шест победи и 18 бода да заврши една групна фаза во една сезона во мултимилионското друштво.

Иако Ливерпул се најде во една од „групите на смртта“, со два други екс-европски прваци како Порто и Милан, плус шпанскиот првак и двоен финалист Атлетико Мадрид, „црвените“ успеаа сите шест меча да ги победат и со тоа да си испишат уште еден историски момент во својата пребогата историја и во историјата на англискиот фудбал.

Вечерва Мохамед Салах и Дивок Ориги дадоа по еден гол за Ливерпул да го освои Милано и да го остави Милан без пролет во Европа (2-1), а четирите бода на „росонерите“ се втор најслаб ефект на еден италијански клуб после 17 години, уште од Рома во сезоната 2004/05, кога „волчицата“ имаше само еден бод на контото.