Липи: Помошникот судија имал халуцинации за Роналдо!
Легендарниот италијански тренер смета дека Роналдо е неоправдано исклучен, па дури и со мала иронија кон помошникот судија искажа колку не се согласува.
„Случајот на Кристијано Роналдо го прегледа ‘светскиот ВАР’, т.е. сите видоа дека тоа не беше за црвен картон. Не можете поради гребаница да исклучувате играчи. Помошниот судија Фриц изгледа имал халуцинации“, вели Липи.
Тој ѝ препорачува на УЕФА да направи гест за признавање на грешката, на тој начин што нема да му додели суспензија на Роналдо.
„Би било убаво кога УЕФА би се вратила чекор назад и би ја признала грешката. Сега некои работи не можат да се променат, бидејќи Роналдо е исклучен, но евентуална суспензија би била апсурдна, затоа немојте да го запирате Кристијано“, додава Липи.
Дисциплинската и етичка комисија на УЕФА ќе решава за Роналдо на 27 септември, а веројатноста е дека ќе добие суспензија од еден меч, поради што ќе го пропушти соочувањето со Јанг Бојс, во 2. коло од ЛШ, а затоа би играл кај Манчестер јунајтед, на 23 октомври.