Ковид-19 урива сè: За само еден месец од кризата, вредноста на играчите падна за 28 отсто!

Само еден месец откако експлодира епидемијата на Ковид-19 во Европа, од која најразвиените и најголеми земји се најзагрозени, новиот опасен вирус не само што ги турка клубовите во рецесија, туку за еден месец вртоглаво ја намали цената на фудбалерите на трансфер-пазарот.

Според истражувањето на најпознатата фудбалска оперваторија ЦИЕС, точно за 28 отсто е намалена вредноста на играчите, па во просек ако се очекувало летово после традиционалниот двомесечен „трансфер-прозорец“ (јули и август) просекот на трансфер да биде 232,7 милиони евра, сега таа вредност не може да надмине 23,4 милиони, со тенденција колку подолго ќе трае кризата, вредноста уште повеќе да се намалува.

ЦИЕС во пресметката ги земале сите можни фактори кои во моментов играат улога, од возраста на фудбалерот, преку должината на договорот, досегашната кариера, па се до перформансите, кои моментно ги нема поради принудниот прекин.

Така во пресметката, еден од најбараните фудбалери, Пол Погба кој требаше и да го одбележи летниот преоден рок, со трансфер од Манчестер јунајтед во Реал Мадрид или Јувентус, речиси за дупло ја загубил својата вредност. Сега проценките се дека неговата цена не може да надмине 35 милиони евра, од проектираните најмалку 65 милиони, зашто Французинот и до кризата поради повреда не играше, па неговата „стотка“ секако се раситни и претходно.

Опсерваторијата веќе направила проекции и по клубови, па Олимпик Марсеј има најголемо намалување на вредноста на играчите за неверојатни 37,9 отсто, следи Интер со пад од 35,7 отсто... Гиганти како Реал Мадрид, Барселона, ПСЖ, Баерн Минхен, пак, имаат намалување на вредноста на играчите помеѓу 33 и 31 отсто.

Сето ова е само една потврда на најавите дека во блиска иднина нема да видиме трансфер над 100 милиони евра, нешто што во последните пет години беше традиција за такви ненормални трошења на пари само за обесштетувања во европскиот фудбал, како најмоќен на светот.