Јаневски со две принудни измени во тимот за пресметката со руските богаташи

Две измени направи тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски за вечерашното деби на македонскиот шампион Вардар во Лига Европа против руски Зенит на Националната Арена „Филип Втори“ (21.05 часот), во однос на дуелот кој црвено-црните го одиграа во Истанбул против Фенербахче (2-1), кога ја испишаа историјата со пласманот во групната фаза.

За разлика од дуелот со турскиот гигант, во првиот тим се враќа капитенот Бобан Грнчаров (тогаш беше суспендиран), а Дарко Велковски сега ќе го пополни местото на Евгениј Новак, кој имаше пех да се повреди во предвечерието на дебито на голема сцена. Втората принудна замена е Никола Глигоров на местото на Стефан Спировски, кој по мечот во Истанбул направи трансфер во Ференцварош во централниот дел од средниот ред.

За дуелот со Зенит, Јаневски се реши со проверени сили да истрча на мегдан на скапо платениот тим на Русите, па Филип Гачевски ќе биде на голот, стандардната дефанзивна четворка ќе бидат Хофханес Хамбарџумјан, Бобан Грнчаров, Дарко Велковски, Владица Брдаровски. Во средниот ред, централни играчи за врска се Никола Глигоров и Бобан Николов, по крилните позиции ќе бидат Дејан Блажевски и Џамбал Џигаури, а Фелише ќе биде плејмејкер зад најистурениот во нападот Тигран Барсегјан.