И македонските полицајци ќе „настапат“ на ЕУРО 2020!

Покрај фудбалерите, кои на големо се подготвуваат за задутрешната дебитантска пресметка со Австрија, Македонија на ЕВРО 2020 ќе биде претставувана со - петмина полицајци.

Според информацијата од МВР, македонската полициска екипа ќе биде присутна во Букурешт од денеска до 18 јуни, односно еден ден по вториот наш меч против Украина.

„Задачата на нашите полициски службеници е заедно со полициските тимови на Романија, Австрија и Украина да создадат безбедносни услови овој значаен спортски настан да помине согласно највисоките безбедносни стандарди, истовремено и да им излезат во пресрет на нашите граѓани кои ќе бидат присутни во Букурешт за време на настанот“, соопшти МВР.

Оттаму додаваат дека на овој начин, Министерството за внатрешни работи ги потврдува професионалните капацитети на своите полициските службеници, како и својата европска посветеност, исполнувајќи ги притоа највисоките меѓународни безбедносни стандарди во обезбедување на значајни спортски настани од висок ризик.