Голем проблем за Реал: Мбапе дефинитивно го пропушта реваншот против Мурињо!
Тој е надвор од тимот поради проблеми со левото колено, повреда која го мачи речиси три месеци. Мбапе нема да настапи ниту на понеделничкиот дуел со Хетафе, а неговото враќање на теренот се очекува на следниот натпревар против Селта. Иако тренерот Алваро Арбелоа вчера зрачеше со оптимизам и најави дека напаѓачот е блиску до камбек, надежите брзо се изгаснаа откако Мбапе го напушти тренингот предвреме. Утринските медицински проценки донесоа конечна одлука дека тој не е подготвен за напорите на натпревар од ваков интензитет.
Отсуството на Мбапе претставува сериозен хендикеп за „кралскиот клуб“. Французинот во моментов е водечки стрелец во ЛА Лига со 23 погодоци, далеку пред конкурентите, а воедно е и најдобар голгетер во ЛШ со 13 постигнати голови. Поради неговото отсуство, стручниот штаб на Реал во составот вклучи четворица млади фудбалери од клупската академија – Тиаго, Мануел Анхел, Честеро и Паласиос, кои ќе добијат можност да бидат дел од овој важен европски натпревар.
Реал Мадрид во натпреварот влегува со предност од 1-0 од првиот натпревар во Лисабон, кога единствениот гол го постигна Винисиус Жуниор.