Гигантите ја победија УЕФА: Ќе продолжи проектот за создавање Суперлига

Барселона, Јувентус и Реал Мадрид испратија соопштение до јавноста дека немаат намера да се откажат од идејата за создавање на фудбалска Суперлига.

Овие гиганти не се откажаа од идејата за Суперлига, иако Европската фудбалска унија (УЕФА) им се закани и ги натера останатите да се повлечат од проектот.

Судот во Мадрид ја одби можноста УЕФА да ги казни тимовите кои ќе ја формираат Суперлигата, а Барселона, Јувентус и Реал Мадрид продолжуваат со реализација на проектот.

„Барселона, Јувентус и Реал Мадрид се задоволни што Судот во Мадрид потврди дека УЕФА не може да ги казни клубовите кои ја формираат Суперлигата. Наша должност е да продолжиме со развојот на проектот за Суперлига. Убедени сме дека овој проект ќе ги почитува сите закони на Европската унија“, соопштија тимовите.

Покрај овие тимови, во Суперлигата требаше да учествуваат и Арсенал, Тотнем, Челси, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Атлетико Мадрид, Интер и Милан.