Европските лиги најавија промени: Реформите во ЛШ пак ќе се менуваат!

Реформата на Лигата на шампионите која УЕФА ја изгласа и ја донесе, со проширувањето на 36 екипи учесници и поинаков формат од досегашните групи, со 10 меча за секој тим во една група со рангирање по швајцарски систем, можно е да не заживее како што беше планирано, зашто европските лиги веќе најавија промени на истиот.

УЕФА својот формат со реформите го донесе во мај откако во април се појави неуспешниот проект за Суперлига, кој пропадна по 48 часа, но реформата на европската централа тогаш мина тивко поради тоа што сиот фокус беше насочен кон „сепаратистите богаташи“ и обидот за отцепување.

„Мислам дека ќе има промени. Поентите и главните делови од таа реформа во која спаѓаат бројот на мечеви и кола, пристапната листа, како и дистрибуцијата на пари за сите натпреварувања веќе се адресирани до Нион, а новиот формат беше планиран да стартува од сезоната 2024/25. Ние се договоривме, во добрата соработка со УЕФА, дека ќе почне процес во следните месеци и практично тргнуваме од тука. Да биде јасно, ние не сме среќни со одредени работи, со тоа што е донесено и УЕФА го знае тоа, така да ќе има 'втора фаза' од процесот“, рече Јако Сварт, директорот на Европската асоцијација на лиги, во која членки се и петте најсилни на светот од т.н. „лига петка“.

Медиуми во Европа веќе објавија дека УЕФА веќе разговарала за некои подобрувања во тие реформи за ЛШ, особено после обидот за отцепување, па две места што беа предвидени според историски успеси за гигантите би можеле да бидат укинати. Но, од Нион најавија дека за сите детали најверојатно ќе се произнесе до крајот на годинава или евентуално почетокот на следната.

Европските лиги објавија веќе дека од УЕФА очекуваат дека ќе одвои повеќе пари за клубовите кои нема да учествуваат, како еден поголем солидарен фонд и начин да се намалува јазот меѓу богатите и сиромашните односно големите и малите и да има поправична распределба на парите.

Тоа што се очекуваше од европските лиги е и ставот дека не ја прифаќаат евентуалната промена што ФИФА ја подготвува за Светско првенство на секои две години.