Ем доставувач на фрижидери ем херој на Милан: Господ ја пишува мојата приказна

Навивачите на Милан беа во шок кога Паоло Малдини одлучи да го доведе Жуниор Месијас во клубот од Кротоне и тоа на едногодишна позајмица. 

Бразилецот има 30 години, а зад себе има одиграно само една сезона во Серија А. До пред четири години овој офанзивен играч за врска немаше одиграно ниту професионален фудбалски натпревар, а синоќа беше херој на „росонерите“.

Месиас го постигна победничкиот гол за седумкратниот европски првак на гостувањето кај Атлетико Мадрид во 87.минута и ги остави во живот надежите на тимот дека може да се пласира во нокаут рундата.

За Месиас тоа беше деби од соништата во Лигата на шампионите. На стартот од сезоната имаше проблеми со повредите и одигра само два натпревари, на кои влезе како резерва.

„Сакав да заплачам, сетоа она што го доживеав ми мина низ глава, чиста емоција. Помислив на Господ, целата моја приказна ја пишува тој“, изјави Месијас по натпреварот. 

Целата приказна на овој фудбалер е навистина неверојатна, бидејќи никој не му предвидувал фудбалска кариера. Тој се преселил од Бразил во Италија во 2011 година во потрага по подобар живот, а не да биде фудбалска ѕвезда. Се вработува во продавница за бела техника и работи како доставувач, а повремено и доставувач на пици. 

Во 2015 година почнува да игра аматерски фудбал и случајно е забележан од поранешен играч на Торино, кој го препорачува во тимот на Касале во четвртата лига или Серија Д. Потоа игра за Чиери, а во 2017 година преминува во Гоцано во Серија Ц, каде го игра својот прв професионален фудбалски натпревар на 26 години. 

Во 2019 година прави трансфер во Кротоне во Серија Б и му помага на овој тим да обезбеди пласман во Серија А. Ланската сезона му беше прва во кариерата во најсилниот ранг на италијански фудбал.

Сега е култен херој на Милан во Лигата на шампионите. Фудбалот испишува неверојатни приказни, а оваа на Месијас е доволно добра за филмското платно.