Дебакл за романскиот фудбал: Пјуник го елиминира Клуж на пенали!

Романскиот фудбал кој има вртоглав пад во последниве години, доживеа тотален дебакл и уште по првото коло остана без шампионот во квалификациите за ЛШ, откако Клуж денеска на домашен терен загуби на пенали од ерменски Пјуник со 3-4 во рулетот, откако мечот заврши во вкупни 2-2 (0-0 во првиот меч).

Клуж промаши два од петте пенали во рулетот, Петрила во втората и Камора во петтата серија, а Пјуник ги реализираше сите четири шута по што Ерменците направија своевидна сензација, зашто романскиот првак беше апсолутен фаворит.

Гајиќ во 89-та минута го спаси Пјуник од елиминација со гол за продолженија откако уште по шестата минута Романците водеа со гол на Боатенг, а по исто сценарио минаа и дополнителните пола час. Четири минути по вториот стартот на мечот, трагичарот Петрила даде гол (94-та), а Гајиќ минута пред крајот (119-та) пак израмни.

Во Пјуник замина бившиот македонски репрезентативец Марјан Радески, кој неодамна беше промовиран, но не беше во комбинација за овој двомеч.

Слован Братислава во 123-та минута се спаси од испаѓање со гол за победа со 2-1 кај грузиски Динамо Батуми, Ки Класвик од Фарските острови беше на чекор до сензација, но испадна од Бодо Глимт и покрај победата со 3-1 поради поразот со 0-3 во првиот меч, а во следната фаза отидоа и Ференцварош кој со 5-1 славеше над Тобол, Марибор кој со 2-0 го победи Шахтер Солигорск и северноирски Линфилд кој со 2-0 триумфираше над ТНС.