Четири гиганти заверуваат осминафинале, Динамо ќе го освојува Милано за европска пролет!

Четири европски гиганти, најтрофејниот клуб Реал Мадрид, актуелниот европски вицепрвак Тотнем, англискиот првак Манчестер сити и бившиот освојувач на Лига Европа, Атлетико Мадрид се екипите што денеска очекуваат заверка на пласманот во осминафиналето во Лигата на шампионите во претпоследното петто коло во елитното друштво.

После четири рунди во мултимилионската елита досега само три екипи обезбедија пласман и тоа Баерн Минхен, Пари Сен Жермен и Јувентус, па денеска може да им се придружат уште четири, а утре уште најмалку толку би можеле да обезбедат пласман.

Реал Мадрид, Тотнем и Манчестер сити како домаќини вечерва (21 часот) се во пол-позиција пред домашните гледачи да го заверат тој пласман, а освен „кралевите“, двата англиски клубови се апсолутни фаворити во своите мечеви и сензација би било да не победат и да останат во завршното коло „да се тресат“ за место во елиминациските фази. Сити е домаќин на Шахетр, кого во Украина го растури со пола сили, додека Тотнем со Мурињо го пречекува Олимпијакос кој досега освои само еден бод.

На Сити му треба победа или најмалку бод под услов Динамо Загреб да не ја победи Аталанта. И Тотнем е во иста математичка ситуација, или да го победи Олимпијакос или да чека помош од Баерн кој гостува во Белград кај Ц. Звезда. Реал е во слична ситуација, со победа не зависи од никого, но има сериозен ривал во ПСЖ, или пак ако не победи, тогаш Галатасарај во Истанбул да не загуби од белгиски Бриж.

Најтешка задача има Атлетико Мадрид, зашто црвено-белите ги чека пресметка во Торино со веќе пласираниот Јувентус, а им треба победа за сигурен пласман или најмалку бод, но тогаш и пресметката на Локомотив Москва со Баер Леверкузен да заврши без победник.

Хрватскиот првак Динамо Загреб гостува во Милано, каде се очекува вистинска инвазија на „Бед Блу Бојс“ за историскиот меч со Аталанта на „Сан Сиро“. Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми сигурно е дека ќе биде стартер, а „модрите“ мора да ја победат Аталанта за да останат во трка за второто место, особено што Шахетр му гостува на Сити, па со евентуален пораз, загрепчани би исчекориле кон историска европска пролет во елитата. Со таков исход, на Динамо ќе му треба бод од дуел со Сити во Загреб и тоа во последното коло, нешто што и е достижно, најмногу ако „граѓаните“ денеска со триумф го заверат пласманот и првото место во групата.

Црвена Звезда, пак, се надева дека ќе се повтори 1991 година и дека големиот Баерн Минхен, кој веќе е пласиран ќе падне на „Рајко Митиќ“ за тие да обезбедат практилно европска пролет но во шеснаестинафиналето во Лига Европа. На црвено-белите победа со Баварците и очекуван триумф на Тотнем би им донеле сигурно место во Лига Европа, а ако не успеат тогаш во Пиреа кај „братскиот клуб“ ќе мора да останат непоразени за ново учество во елиминациксата фаза во најмасовното натпреварување.

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

ГРУПА А: Галатасарај – Бриж (18.55 ч.), Реал Мадрид – ПСЖ (21 часот)
ТАБЕЛА: ПСЖ 12, Реал Мадрид 7, Бриж 2, Галатасарај 1

ГРУПА Б (од 21 часот): Црвена Звезда – Баерн Минхен, Тотнем – Олимпијакос
ТАБЕЛА: Баерн 12, Тотнем 7, Ц. Звезда 3, Олимпијакос 1

ГРУПА Ц (од 21 часот): Аталанта – Динамо Загреб, Манчестер сити – Шахтер
ТАБЕЛА: Манчестер сити 10, Шахтер 5, Динамо З. 5, Аталанта 1

ГРУПА Д: Локомотив Москва – Баер Леверкузен (18.55 ч.), Јувентус – Атлетико Мадрид (21 ч.)
ТАБЕЛА: Јувентус 10, Атл. Мадрид 7, Локомотив М. 3, Баер Л. 3.