Челси се надева на чудо во Минхен, Елмас и Наполи ќе се обидат да ја шокираат Барселона

Вечерва се играат уште два осминафинални натпревари во Лигата на шампиони (ЛШ), по што ќе бидат познати сите патници на фајнлејт-турнирот во елитното натпреварување.

Челси се надева на вистинско чудо во Минхен, откако првиот меч го загуби сред Лондон со 0-3 од Баерн, па ќе има пеколно тешка мисија во Германија за да направи некаква сензација.

Баерн Минхен го одигра својот последен натпревар во германскот шампионат пред повеќе од еден месец, додека „сините“ последниот вистински тест пред мечот во ЛШ го имаа во ФА-купот кога загубија од Арсенал.

Уште еден податок кој никако не му оди во корист на Челси е тоа што Баерн Минхен славеше на последните 18 натпревари и притоа ги освои Бундеслигата и германскиот Куп.

На вториот вечерашен меч ќе се соочат Барселона и Наполи, а италијанската екипа може да им направи пекол на Каталонците доколку ги елиминира од ЛШ.

Каталонците ја загубија борбата за титулата во Ла Лига по рестартот на сезоната, а за мечот против Елиф Елмас и Наполи нема да можат да сметаат на еден куп фудбалери, меѓу кои се Самуел Умтити, Осман дембеле, Серхио Бускетс и Артуро Видал.