Арсенал, Хофенхајм и Лестер први до нокаут-фазата, победи за Динамо и за Ц. Звезда (ВИДЕО)

Фудбалерите на Арсенал можеби не блескаат во Премиерлигата, но играат одлично во Лига Европа, откако со вечерашниот гостински триумф против Молде (3-0) дојде до максимални 12 бода и прв обезбеди место во нокаут-фазата во ова натпреварување.

„Топчиите“ одиграа калкулантски во првото полувреме, со оглед што и нерешениот исход ќе им донесеше пласман во следната фаза, но во второто полувреме докажаа дека се поквалитетен противник од норвешкиот ривал. Николас Пепе, „другарот“ на нашиот Езџан Алиоски, го отвори резултатот во 50. минута, Нелсон пет минути подоцна зголеми на 2-0, додека Балагун го постави конечниот резултат во 83. минута и тоа веќе по првиот контакт со топката откако влезе во игра на местото Нкетиа.

Голем исчекор кон елиминацискиот дел од ЛЕ направија и двете екипи од просторот на поранешна СФР Југославија, Црвена звезда и Динамо, кои убедливо славеа иако беа во улога на гости. Црвено-белите го совладаа белгиски Гент (2-0) и со девет бода се сигурно на второто место во групата Л и само чудо може да ги спречи да не обезбедат пласман во следниот круг. „Модрите“ од Загреб, пак, со 3-0 го преслушаа австриски Волфсбергер за прво место во групата К и тоа со осум бода, три повеќе од Феенорд, четири од вечерашниот противник и пет од ЦСКА Москва. Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми го одигра целиот меч и беше асистент при вториот гол на хрватскиот тим.

Покрај Арсенал, сигурно место во нокаут-фазата обезбедија уште и Хофенхајм и Лестер.

РЕЗУЛТАТИ: АЕК-Зорја 0-3, Брага-Лестер 3-3, ЦСКА Москва-Феенорд 0-0, ЦСКА Софија-Јанг Бојс 0-1, Гент-Ц. Звезда 0-2, ЛАСК-Антверпен 0-2, Либерев-Хофенхајм 0-2, Лил-Милан 1-1, Макаби ТА-Виљареал 1-1, Молде-Арсенал 0-3, Карабаг-Сиваспор 2-3, Спарта П.-Селтик 4-1, Волфсбергер-Динамо З. 0-3.