Адеми со Динамо во поход кон ЛШ: Лани напишавме историја, сега одиме чекор – понапред!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на Динамо Загреб вечерва против норвешки Розенборг ќе ги предводи „модрите“ во атакот кон групната фаза во Лигата на шампионите, откако во минатата сезона загрепчани напишаа историја и после повеќе од четири децении дочекаа пролет во Европа и стигнаа до осминафиналето, каде по продолженија загубија од лисабонска Бенфика (1-0, 0-3).

Адеми пред четири години играше Лига на шампиони, но тој настап по лошо ќе го памети, зашто падна на допинг-тест и две години мораше да паузира, па сега македонскиот репрезентативец сака повторно да биде дел од елитата. Розенборг во изминатите две сезони играше против македонски екипи, прво со Вардар во групите во Лига Европа (3-1, 1-1), а лани ја елиминира Шкендија во плејофот за пласман во најмасовното натпреварување (3-1, 2-0).

„Ние имаме големо заедништво во соблекувалната, а поради тоа заедништво во минатата сезона напишавме историја. Сега сакаме да одиме чекор напред. Подобра екипа сме од Розенборг, подолго време сме заедно и одиме да победиме вечерва на 'Максимир'. Јасно е дека нѐ чекаат два тешки меча, ама ние сме подготвени и едвај го чекаме стартот. Норвежаните се цврсти во дуел, тактички добри. Но, ние сме подготвени за нив и мислам дека нема да имаме проблеми“, вели Адеми пред вечерашниот меч од 21 часот.

Македонија во ЛШ има еден сигурен претставник во бисерот Елиф Елмас, кој летово за рекорден трансфер дојде од Фенербахче во Наполи, па ако Адеми успее со Динамо да обезбеди пласман ќе биде втор македонски репрезентативец кој е дел од елитата.

Белградска Црвена Звезда му гостува на Јанг бојс во Берн во обид да го повтори ланскиот успех со учеството во европската елита, прво за бившиот европски првак после 27 години пауза. Црвено-белите имаат шанса со нов настап повторно добро финансиски да се офајдат, ама и да покажат дека двете турбулентни децении се минато и дека белградскиот гигант се враќа каде што му е местото. Ако Ц. Звезда и Динамо обезбедат пласман тоа ќе биде голем успех за регионалниот фудбал, сооглед дека националните првенства и квалитетот на фудбалот на Балканот е далеку под европскиот просек.

Третиот денешен меч е пресметката на Олимпијакос во Пиреа со руски Краснодар, кој успеа да го елиминира двојниот европски првак Порто и тоа со победа во Португалија. Вчера Бриж и Славија Прага со гостински победи направија голем чекор кон групите, а Ајакс одигра без голови на Кипар кај АПОЕЛ и сега дома ја има шансата за нов настап во елитното друштво после минатосезонското полуфинале.

Победниците од шесте двомечи ќе обезбедат пласман во ЛШ, додека поразените автоматски одат во групите во Лига Европа.