За Ривер Плејт вечерва ќе брани - фудбалер од средниот ред

Ривер Плејт вечерва мора да игра натпревар против Санта Фе од 5.коло во Копа Либертадорес иако има огромен број фудбалери заразени со коронавирус. 

Според вчерашните извештаи во аргентинските медиуми, гигантот од Буенос Аирес има дури 25 играчи кои се надвор од ростерот поради Ковид-19, тука вклучувајќи ги и фудбалерите од младинскиот состав.

И покрај оваа ситуација, КОНМЕБОЛ донесе одлука дека Ривер мора да го одигра натпреварот ако има барем седум здрави фудбалери. Тренерот Марсело Галјардо всушност на располагање има точно 11 играчи, но најголемиот проблем е што нема ниту еден здрав голман. Сите четворица имаат Ковид, а КОНМЕБОЛ не му дозволи на Ривер да регистрира млад голман како замена.

Поради ова Галјардо донесе одлука дека помеѓу стативите вечерва ќе застане ветеранот Енцо Перез, кој всушност игра во средниот ред. Поранешниот фудбалер на Бенфика и Валенсија и аргентински репрезентативец ќе се испроба во нова улога.