Турските фудбалери спектакуларно испратени на СП – колона од стотици возила (ВИДЕО)

Турската фудбалска репрезентација доби незаборавно испраќање пред заминувањето на СП 2026, откако низ улиците на Истанбул беше организиран импресивен конвој од возила украсени со турски знамиња.

По убедливата победа над Македонија (4-0) во рамките на подготовките за Мундијалот, турските репрезентативци ги продолжија завршните подготовки во тренинг-кампот „Рива Хасан Доган“. Во попладневните часови селекцијата го напушти кампот и се упати кон аеродромот, а во текот на целото патување беше придружувана од долг конвој возила на турскиот производител „Тог“, кој е и главен спонзор на националниот тим.

Автомобилите украсени со национални знамиња создадоа спектакуларна атмосфера низ улиците на Истанбул и привлекоа огромно внимание од граѓаните и навивачите, кои излегоа да ги поздрават своите миленици пред најголемиот фудбалски настан. Организаторите со овој потег дополнително ја потенцираа националната поддршка и единството околу репрезентацијата, која со големи амбиции заминува на Светското првенство.

Конвојот ги придружуваше турските фудбалери сè до аеродромот, од каде што отпатуваа кон Мундијалот што годинава ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.