Најдобриот аргентински фудбалер Лионел Меси, за многумина најголем во историјата на фудбалот, доби неверојатна чест од аргентинската федерација, откако таа се реши тренинг-центарот Езеиза да го крсти по – десетката на „гаучосите“.

На специјална церемонија пред тренинг-центарот кој е во регионот Езеиза каде е и аеродромот во Буенос Аирес, сега ќе го носи името по Меси, зашто досега го имаше „Каса де Езеиза“.

Меси во декември ја водеше Аргентина до третата светска титула, прва по 36 години пауза, а во петокот го даде својот јубилеен 800-ти гол во кариерата, за Аргентина против Панама, на емотивниот прв меч како светски шампиони во спектаклот на „Монументал“.

„Многу ви благодарам, зашто ова е нешто многу емотивно за мене. Пред 20 години дојдов тука и почувствував посебна енергија. Многу сум среќен. Ова е нешто многу, многу големо признание за мене“, рече Меси.

Првиот човек на АФА, Клаудио Тапија неодамна објави дека десетката која ја носи Меси ќе биде повлечена од употреба од денот кога најголемиот Аргентинец ќе замине во пензија, а тоа нема да се случи најмалку до догодина на лето кога е Копа Америка и Аргентина ќе ја брани континенталната круна во САД.