Трамп му нуди нова работа на Инфантино - генерален секретар на ОН!
Иако Инфантино веќе ги правеше плановите за нов мандат на чело на Светската куќа на фудбалот, идејата на Трамп може целосно да ги промени неговите планови. Американскиот лидер во швајцарскиот функционер гледа идеален наследник на Антонио Гутереш. Иако во трката за оваа позиција веќе има седум официјални кандидати, Трамп е самоуверен дека преку Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН може лесно да ја излобира оваа функција за својот сојузник.
Ваквите шпекулации ги потврди и советникот на Трамп, Паоло Замполи, кој истакна дека станува збор за „генијален план“ на претседателот:
„Во Организацијата на обединетите нации треба да се координираат 193 држави, додека под капата на ФИФА има над 200 земји членки. Резултатите на Инфантино јасно покажуваат дека тој поседува врвни раководни способности за ваква глобална улога“, изјави Замполи.
Изборот за нов генерален секретар на ОН е предвиден за почетокот на 2027 година, што совршено се совпаѓа со истекот на актуелниот мандат на Инфантино во ФИФА следната година.
За добро упатените во спортско-политичките случувања, ваквиот развој на настаните не е никакво изненадување, туку логична наплата за сервилноста на Инфантино кон Белата куќа.
За време на Светското првенство, првиот човек на ФИФА свесно ги затвораше очите пред низа пропусти – молчеше за малтретирањата на фудбалските делегации од страна на американското и канадското обезбедување, ги игнорираше скандалите со одбиените визи за одредени репрезентации, а круна на сè беше незапаметениот преседан кога на директно барање на Трамп му го поништи црвениот картон на американскиот репрезентативец Балогун.
Се чини дека сите тие сомничави попуштања од страна на Инфантино конечно ја добиваат својата вистинска цена – најмоќната дипломатска функција во светот.