„Курдистан и Чемерија во Скопје би дошле за да играат фудбал, а не да водат политика“

После сензационалната вест дека Скопје ќе биде домаќин на Светско фудбалско првенство за непризнаени земји и региони, македонските спортски институции беа затекнати од објавата на Конфедерацијата на независни фудбалски асоцијации, кои не се членки на ФИФА и УЕФА (КОИНФА) за фудбалскиот турнир кој треба да се одржи во македонската престолнина од 30 мај до 7 јуни идната година.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Никој во земјава нема поим, кој, што и како ќе организира мундијалски турнир со непризнаени држави и региони од целиот свет. Ниту, пак, како баш Скопје е избран за домаќин на фудбалски настан, кој кај поголемиот дел од јавноста кај нас наиде на потсмев и сеир, а доаѓа само три години откако македонската престолнина организираше спектакуларен фудбалски настан во Суперкупот на УЕФА и пресметката на великаните Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.

Откако никој во земјава не знае ништо за најавениот Мундијал, „Спорт 1“ го исконтактира генералниот секретар на КОИНФА, Саша Дуеркоп, кој откри некои детали околу организацијата на Светското првенство, кој го организира и како воопшто Скопје излезе како домаќин за еден ваков настан.

„Го избравме Скопје за домаќн зашто веруваме дека има голем потенцијал да биде место за еден ваков турнир. Ние во Скопје веќе имавме годишно Собрание во 2015 и бевме многу импресионирани од гостољубивоста и пријателски расположените Македонци, како и од одличната инфраструктура генерално и за фудбалот посебно. Скопје ни остана во сеќавање како многу позитивен град. Убедени сме дека овој голем спортски настан ќе биде добро примен од македонската јавност“, вели Дуеркоп.

Генсекот на КОИНФА посочи дека овој настан е „приватна организација“ без поддршка од властите во Скопје, спортските организации и сè што прават е независен проект, во кој засега не се познати местата каде ќе се играат мечевите, а ќе учествуваат 16 екипи од цел свет, дополнувајќи дека веќе е резервиран хотелот „Континентал“, каде ќе бидат сместени селекциите.

„Ова СП, како и сите досегашни турнири, ги организираме ние – чисто приватно. Ниту властите, ниту локалните спортски организации ќе го организираат и ќе ни помагаат. Сè што планираме, делуваме независно. И би сакале да размениме и да соработуваме со локалците во заеднички интерес, па драго ми е што ќе се сретнеме наскоро. Засега имаме неколку понуди за места на одигрување на мечевите, но моментно го правиме распоредот во детали и преговараме за користење на стадионите. Нема да навлегувам во детали пред да ги потврдиме тие локации“, додава Дуеркоп, без да појасни кој (ќе) им помага од земјава во организацијата, ако релевантните спортски организации и државни тела не се вклучени.

„Ќе учествуваат 16 екипи од сите континенти и верувам дека тоа е голем настан за Македонија, а ние сме горди што ваков турнир донесовме на Балканот и во Скопје пред сè. За овој шампионат нема да има домаќин. Веќе резервиравме сместувања и тоа во одличниот хотел 'Континентал'. Бевме во инспекција на почетокот на годинава, бевме воодушевени од објектот, кој целосно нè задоволи. Околу судиите, најголем дел ќе дојдат од нашите членки од цел свет, но секако би сакале да им дадеме шанса и на локалните судии ако се заинтересирани да бидат дел од овој глобален настан“, додава генсекот на КОИНФА.

Абхазија, Јужна Осетија, Северен Кипар, Западна Ерменија, Јоркшир, Тибет, Тувалу, Хаваи, Квебек, Западна Сахара, Занзибар... Ова се селекциите што конкурираат за настап, за кои 16-те учесници ќе бидат потврдени до ждрепката закажана за 25 и 26 јануари идната година, кога би требало да се знаат сите детали. Но, во 56-те членки на оваа организација има и две кои би можеле да направат сериозни политички проблеми на Македонија, зашто станува збор за Курдистан и Чемерија. Првата селекција е репрезентација на Курдите, кои со децении се борат со Турција за независност, а токму Турција е сериозен партнер на Македонија. Втората е регион во Грција со албанска популација, која во големоалбанската идеја е неизоставен дел на албанските националистите, па оттаму проблем повеќе со јужниот сосед особено во период кога затегнатите односи се поправија со преспанскиот договор.

Го прашавме Дуеркоп, баш за оваа политичка компликација во која може да западне Македонија, ако овие две „репрезентации“, баш се најдат на Мундијалот во Скопје.

„Што се однесува со политичката комплексност на Балканот, сите сме свесни, ама и подготвени за тоа. Работата со малцинствата во овие шест години низ светот, за жал ни покажаа дека не е лесно да се стори тоа, зашто секогаш ќе има политички спротивставувања за тоа. Како и да е, ние сме добро обучени за да се справиме со политичките дебати и среќни сме да разговараме со сите партии за сето ова. Сите наши тимови, без разлика дали тоа се Курдистан, Чемерија или некој трет, сакаат да играат фудбал и според нашиот статут, ќе се воздржат од давање било какви политички забелешки или коментари. Не ги коментираме политичките прашања помеѓу одредени земји, но ќе се справиме со секој случај кој може да се појави во иднина“, посочува Дуеркоп.