„Сите играат без ризик, само Србија се залета и – ѝ се врати како бумеранг!“

Најуспешниот македонски селектор во историјата Игор Ангеловски, човекот под чија палка ланското лето Македонија првпат играше на едно големо натпреварување, Еуро 2020 е ваш и наш стручен коментатор за Светското првенство во Катар и ги анализира збиднувањата на најголемито фудбалски фестивал. Ангеловски беше македонски селектор цели пет ипол години и од Хрватска посебно ќе ја долови атмосферата кај актуелните светски вицешампиони.

Тоа што само три репрезентации обезбедија осминафинале (Бразил, Франција и Португалија), а само две Катар и Канада испаднаа е најава дека многу возбудувања допрва нè чекаат, зашто сите останати селекции со свои математики влегуваат во последното коло, иако некои селекции имаат поедноставен пат до нокаут-фазата. Јас повеќе сакам фудбал, отколку математики, но нè чека третиот круг во кои ќе ги добиеме селекциите кои ќе вкрстат меѓусебе во елиминациската фаза.

На минатите Светски првенства, големите селекции победуваа во првите две кола и во третото ги одмараа фудбалерите, што сега нема да е случај и тоа е само потврда за тоа што претходно го кажав дека квалитетот е изедначен, дека секој секого може да победи, а може да се случи и некој од големите селекции да не ја мине групата. Сепак, јас сум за Светско првенство во кое ќе има што е можно повеќе фаворити во нокаут-фазата за да гледаме мечеви од типот на Шпанија – Германија во второто коло.

Тоа што посебно ми прави задоволство од ова Светско првенство се сликите од ложите на стадионите што ги гледаме и како сите репрезентации си ги почитуваат своите големи имиња. Како кога игра една Шпанија, тука се Пујол, Иниеста, Давид Вилја, или вчера на Бразил – Роналдо, Роберто Карлос, Кафу, Кака... Многу убава глетка. Нека се запрашаат кај нас, како ние ги почитуваме нашите величини?

Фактот што половина од досегашните мечеви завршуваат без голови на полувреме говори дека селекциите влегуваат претпазливо во мечевите, дека се игра без ризик, дека се чека до ситен детал, а со тоа се губи убавината на фудбалот. Хрватска е најдобар показател, со Мароко играа претпазливо и без ризик, а против Канада кога го примија голот, видовме една полетна Хрватска, вистинската Хрватска која ги прегази Канаѓаните. Никој не оди во претеран ризик како Србија на пример, која се залета да даде голови, па после се ѝ се врати како бумеранг.

Јас сум за ВАР, зашто греота е да биде признаен гол од недозволена позиција или да биде непризнаен чист гол. Но, фудбалот е емоција, радост, среќа... Камерун на вториот гол против Србија, напаѓачот кога го виде знаменцето на помошникот за офсајд му спласна радоста, ама кога ВАР пресуди дека е гол – сам се радуваше. Убавината на фудбалот е кога Касемиро дава гол и цела клупа трча кон него, сите се врз него, кога трибините слават. Кога е чист голот сите реагираат, но во спорна ситуација, чекањето ја спласнува емоцијата, чекаш дали е гол, признава-непризнава... Друга е ситуацијата кога е веднаш, кога соиграчите ти трчаат во прегратка. Некако со ВАР како да се убива таа емоција.

Во ситуација кога ВАР решава за офсајдите, дефанзивците мора да бидат максимално сконцентрирани и да не гледаат кон знаменцето, да бараат офсајди, туку да гледаат во топка. Можеби Србија ако беа сконцентрирани и ќе спасеа гол во тие ситуации, ако сите реагираа на топка. И мислам дека совет на селекторите кон дефанзивците е да не реагираат кон судиите, туку да пробаат да го спречат нападот.

Во ситуациите за пенал, како овој за Португалија со Уругвај, мислам дека ВАР мора повеќе да ги користи, зашто судијата не може во секунда да види и процени, а ВАР може да провери и да направи проверка, па и да го поништи. И правилата за пенал се такви, а природна е реакцијата на уругвајскиот фудбалер, зашто при пад нормално е да се послужи со рака и тоа е природна реакција, да се користи раката при пад, за да не падне директно. Многу сомнителен пенал, зашто Уругваецот беше во паѓачка положба и немаше тука намера.

Белгија е генерација во заминување, без еден Лукаку, без еден Азар од пред четири години кој има мала минутажа во Реал Мадрид и тоа многу влијае на формата, некако делува иритирачки на сите. Плус што вака од страна, не е сјајна атмосферата во соблекувалната. Ќе им биде многу тешко со Хрватска, зашто им игра за пласман само победа. И после тоа издигнување на Хрватите, сега кога самодовербата им е на највисоко ниво, од фактот како Златко Далиќ одлично ја водеше екипата, како играа..., Хрватска има поголеми шанси од Белгија.

Само ќе истакнам еден момент на Хрватска, кога Борна Соса и Матео Ковачиќ испаднаа, а Гвардиол остана сам, Перишиќ истрча 80 метри за да покрие, што само покажува дека сите гинат за тимот, сите се во функција на тимот. Мароко во оваа група после таа победа со Белгија нема да ја испушти шансата за осминафинале, со игрите и квалитетот кој го има.

Ако го посочив Далиќ дека одлично ја водеше Хрватска, од друга страна многу лошо од Драган Стојковиќ-Пикси како ја водеше Србија. Јас реков дека Србија има индивидуален квалитет, но прашањето е како ќе функционира како тим. Недозволиво е да водиш 3-1 и да примиш два гола од контранапади, да играш непотребно висок пресинг, дефанзивата да стои така високо.

Пикси мораше да реагира со измени, пред сè со Митровиќ и да го сведе мечот кон крајот. Јас реков и претходно, сакам Србија да помине, сакам што подалеку да стигнат зашто тоа е добро за фудбалот во регионот, но се плашам дека после ова, да не проработи ментлитетот, да се бараат виновници и да се разниша атмосферата пред мечот со Швајцарија, која вчера против Бразил покажа дека е многу дициплинирана селекција, која тактички многу добро стои, која има квалитет и така и ќе игра пак, со беспрекорна дисциплина. Србија за да помине ќе мора да биде на најдоброто ниво, на нивото како против Португалија кога го обезбедија пласманот на Светското првенство.

Во игра за пласман е и Камерун во оваа група и никој не може да му ги земе шансите. Бразил веројатно ќе игра со изменет состав, кој секако е квалитетен, но мотивот е кај Камерунците.

Тоа што за пласман решава гол-разликата, а не меѓусебниот дуел нема спортска логика, ама тие се правилата и можеби ова е за да гледаме многу повеќе офанзивен фудбал, а помалку калкулации. Во групата со Шпанија и Германија има најнеизвесна завршница и би сакал и двете да се пласираат. Многу математики има, Јапонија и со бод не е сигурна, ако Германија победи, Костарика и со бод ако Јапонија не загуби од Шпанија не би одела поради тој пораз со 0-7 на стартот... Јасно е дека не може никој да калкулира. Германија се извлече и сега има шанси со победа да оди понатаму.

Португалија и вчера не изгледаше моќно и фудбалски со такви светски ѕвезди треба да изгледа многу подобро, но можеби и нешто кријат за нокаут-фазата. Сепак, ако го задржат овој начин на игра ќе имаат проблеми, иако имаат индивидуалци од светскиот врв и тие со еден потег може да решат меч. Но, не блескаат, ама сепак поминаа. Роналдо не заслужува никаков коментар - да не дадеш гол, а да се радуваш дека си го дал... Преголемо его! Златан Ибрахимовиќ убаво му одговори каков човек е!

Бразил? Мислам дека Кафу најдобро кажа дека за да бидете светски првак мора да сте тактички перфектни и да имате одлична дефанзива. Разликата на Бразил со Тите од Русија во 2018 и Бразил со Тите сега во Катар оди во таа насока. Бразил делува тактички и дефанзивно посигурно, имаат извонредни индивидуалци напред, после одлична шанса Касемиро вчера даде гол за победа. Немаа многу шанси со Швајцарија, ама имаа доминација, држеа сè во свои раце, чекаа момент... Така да, ако продолжат вака, со квалитетот кој го имаат, може да стигнат до светската титула.