Шпанија владее во фудбалот - по европската, ја освои и олимписката титула

Фудбалската репрезентација на Шпанија е освојувач на златниот медал од Олимписките игри во Париз со што го комплетира фантастичното лето откако минатиот месец триумфираше и на Европското првенство во Германија.

Иако селекциите не се исти бидејќи на Олимписките игри учествуваат фудбалери до 23-годишна возраст, успехот на Шпанците е огромен, а не смее да се заборави дека „фуријата“ е актуелен освојувач и на Лигата на нации. Во денешното финале, Шпанија беше подобра од домаќинот Франција со 5-3 откако по 90 минути игра беше 3-3.

Натпреварот можеше да биде решен и во основниот дел бидејќи Шпанија водеше со 3-1 до 79. минута благодарение на десетминутниот блицкриг во кој два пати погоди Фермин Лопез и еднаш Баена. Аклиуше потоа намали, а Матета од пенал во 93. минута го израмни резултатот и се избори за продолженија. Во нив, сепак, работите дојдоа на своето место со двата гола на Камељо за втора олимписка титула за Шпанија, по онаа во 1992 година во Барселона.

Бронзениот медал го освои Мароко кој во африканската пресметка го уништи Египет со 6-0.