Се коцкаше ли Ектор Купер: Салах го чувал за мечот со Русија!?

Првата египетска ѕвезда Мохамед Салах денеска не играше на разочарување на навивачите на оваа африканска селекција, но и на неутралните гледачи, па „фараонот“ го преседе целиот меч на клупата во поразот од Уругвај со 0-1 во вториот меч од првото коло во Групата А.

Салах на СП дојде со повреда на рамото и јавноста шекулираше дали сè уште не е фит за настап или станува збор за тактичка „измама“ од селекторот Ектор Купер. Но, Купер изјави дека Салах е подготвен за меч за Уругвај и не играше, а по поразот од Уругвај, аргентинскиот тренер посочи дека – го чувал својот најдобар фудбалер за следниот меч.

„Кога се сомневате дека може нешто да му се случи на теренот, дека може да се повреди, нема да му дозволите да игра. Денеска се решивме да не го користиме и да го сочуваме, за да имаме цврста гаранција дека ќе игра на следниот меч со Русија“, изјави Купер на прес-конференцијата по мечот.

По одиграното прво коло во групата А, Русија и Уругвај имаат по три бода, а Египет и Саудиска Арабија се без бодови. Во следното коло Егпет игра со домаќинот Русија, а Уругвај со аутсајдерот Саудиска Арабија.