САД го совлада Парагвај во хаотичен меч со елементи од мешани боречки вештини (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на САД го совлада Парагвај (2-1) во (не)пријателски натпревар во Честер (Пенсилванија), но дуелот повеќе ќе се памети по масовната тепачка во судиското продолжение отколку по играта.

Американците поведоа уште во втората минута, кога Џовани Рејна го отвори резултатот, а истиот играч беше клучен и при вториот гол – асистирајќи му на Фоларин Балогун за 2-1 во 71. минута. Единствениот гол за Парагвај го постигна Алекс Бариос десет минути по почетокот на мечот.

Најголемата драма се случи во самиот финиш, кога конфликт меѓу Алекс Фриман и Густаво Гомес прерасна во голем хаос со вмешување на речиси сите фудбалери. По еден аут за Парагвај, Гомес се обиде да ја земе топката од Фриман, кој одби да му ја препушти. Парагваецот го „заклучи“ противникот со рацете околу главата – потег повеќе својствен за боречките спортови отколку за фудбал. Фриман веднаш реагираше, па на теренот настана хаос.

И покрај тоа што токму тие двајца беа главните актери, судијата реши да не ги казни. Наместо тоа, жолти картони добија Хуниор Алонсо (Парагвај) и Кристијан Ролдан (САД), додека резервистот Омар Алдерете беше единствениот исклучен од игра со црвен картон.

Двете селекции ќе играат на Светското првенство во 2026 година, а за Парагвај тоа ќе биде прво учество по 16 години пауза.