Последните два патника за СП ќе се решаваат на неутрален терен во - Катар

Последните два патници за Светското првенство на крајот од годинава во Катар, од интерконтиненталните баражи ќе се играат во земјата домаќин на најголемиот светски фудбалски собир, одлучи ФИФА, откако денеска ги закажа пресметките за 13 и 14 јуни на стадионот „Ахмад Бин Сали“ во Доха.

Три места од 32-та учесници на СП се празни и ќе се решаваат идниот месец, прво последниот европски бараж со пресметката на Шкотска и Украина во Глазгов на 1 јуни, а потоа и финалниот бараж од победникот од овој меч со Велс на 5 јуни. Последните два патника ќе бидат познати на неутрален терен во пресметките на азискиот претставник со Перу, односно дуелот на Костарика со Нов Зеланд.

Австралија или ОАЕ на 7 јуни на исто место во Доха во азискиот бараж ќе решаваат кој ќе оди во интерконтиненталната пресметка со Перу на 13 јуни, додека Костарика и Нов Зеланд ќе се соочат ден потоа, а двата меча се на програмата од 21 часот.

Победникот од првиот интерконтинентален бараж (Австралија/ОАЕ – Перу) на стартот на СП ќе се соочи со светскиот првак Франција, додека победникот од вториот интерконтинентален бараж (Костарика – Нов Зеланд) ќе игра на отворањето на Мундијалот против Шпанија.