Поради лошите бројки сезонава падна и отказ во Ливерпул

Екипата на Ливерпул потврди дека Арон Бригс кој работеше како тренер за прекини во тимот на Слот веќе нема да ја извршува оваа улога.

Бригс во Ливерпул пристигна во јули 2024 година, а си заминува по исклучително лошиот биланс на Ливерпул сезонава токму во овој сегмент.

Ливерпул сезонава има сериозни проблеми при одбраната од прекини, па само уште два клуба од петте најсилни европски лиги примиле повеќе голови од вакви ситуации. „Црвените“ дури 12 пати ја вадеа топката од својата мрежа по прекин, бројка што ја надминуваат само Борнмут и Нотингем Форест.

Голови против Ливерпул од прекин, без да се сметаат пеналите, постигнуваа Њукасл, Кристал Палас, Манчестер јунајтед, Брентфорд, Манчестер сити, Нотингем форест, Лидс, Тотнем и Вулверхемптон, при што некои од овие екипи погодија и повеќе од еднаш.

Дополнителен проблем за Ливерпул е и офанзивниот учинок од прекини. Клубот од „Енфилд“ е најнеефикасен во Премиер лигата во овој сегмент, со само три постигнати гола.

Кога сето ова ќе се собере јасно е и дека отказот не е некое изненадување.