„Не сум животно од зоолошка градина кое е донесено за луѓето да го гледаат!“

Пред неколку дена во италијанските медиуми се појавија шпекулации дека Златан Ибрахимовиќ може повторно да се врати во Серија А.

Ибрахимовиќ имаше голем успех во Јувентус, Интер и Милан и со сигурност може да се каже дека тој ги помина најдобрите денови од својата кариера на Апенините. Пред неколку дена италијанските медиуми објавија дека Златан може да се врати во Серија А и тоа во редовите на „росонерите“.

Златан ќе биде слободен играч во декември, бидејќи му истекува договорот со ЛА Галакси и постои шанса повторно да го видиме во Европа. Во интервју за „Газета дело Спорт“, Ибра потврди дека нема ништо против да се врати во Серија А.

Имам 38 години, но во мене останува истата желба која имав како дете - да победувам на секој натпревар. Сè уште не размислувам за мојата иднина и ќе ја донесам одлуката откако ќе разговарам со семејството. Сакам да продолжам да играм и ќе ми треба нешто посебно за да го задржам овој оган сам по себе без разлика дали тука или во друг клуб. Италија е мојот втор дом. Сите понуди ќе ги разгледам внимателно, но сакам да се борам за најголемата цел. Ако се вратам назад, сакам да се борам за Скудето, а не за клуб која ме викне само затоа што сум Ибрахимовиќ. Јас сè уште можам да направам разлика на теренот. Не сум животно од зоолошка градина за некој да ме донесе само за луѓето да ме гледаат, истакна сликовито Ибрахимовиќ.