Најлудиот трансфер за време на коронавирусот: Од Англија директно во Хелсинборг за - 910 евра!

Шведскиот репрезентативец Мартин Олсон направи интересен трансфер во текот на пандемијата.

Од 2007 година, Олсон својот леб го заработува на Островот, каде ги носеше дресовите на Блекбурн, Норич и Свонси, а со оглед на тоа дека веќе неколку месеци е без ангажман, реши да се врати дома.

Негов нов клуб е Хелсинборг, тим за кој навива уште од детството, а многумина беа изненадени кога дознаа дека месечниот приход на Олсон би бил само 10.000 шведски круни, односно 910 евра!

Знаеме дека е малку чудно да се потпише со играч во ваква ситуација, но ако имаме можност да се засилиме со некој како Олсон, без да влијаеме на нашите финансии, тогаш ќе го искористиме тоа, истакна еден од челниците на Хелсинборг, Робин Лундгрен.

Олсон, очигледно, имал разбирање за кризата што преовладува како резултат на епидемијата на коронавирус, а откако се ќе дојде во нормала, се очекува да биде големо засилување за клубот со оглед на неговите квалитети. За репрезентацијата на Шведска овој фудбалер досега има одиграно 48 натпревари.