Меси: Немаме право на грешка, секој меч за нас е – финале!

Најдобриот аргентински фудбалер Лионел Меси порача дека Аргентина нема право на грешка и дека секој меч како вечерашниот со Мексико е финале на Светско првенство за нив, после триумфот со 2-0 по што „гаучосите“ останаа живи на Мундијалот во Катар.

Меси од првиот директен шут кон голот на Аргентина во 64-та минута го скрши Мексико, па младиот Енцо Фернандез со прекрасен гол три минути пред крајот стави печат на победата.

„Нема предавање! Немаме право на грешка! За нас секој меч е финале. И знаеме дека секој против нас ќе игра вака, но мислам дека сме обединети, долго е оваа група заедно. Многу нѐ чинеше првиот меч, повеќе фактори влијаеа, но тоа е зад нас. Вечерва знаевме дека мора да победиме, за нас ново Светско првенство тука почнуваше и знаевме како да дојдеме до таа победа“, рече Меси.