Меси: Намерно го дриблав Левандовски, неговите зборови многу ме заболеа!

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси, призна дека му бил многу лут на Роберт Левандовски на натпреварот помеѓу Аргентина и Полска на СП во Катар и дека поради тоа често барал директен дуел со него на теренот за да го дрибла и да му покаже што знае.

Аргентина токму со победата во овој натпревар (2-0) се пласираше на првото место во групата Ц за полесен противник во осминафиналето на Мундијалот, кое на крајот го освоија. Меси и Левандовски имаа неколку дуели на таа средба, а се уште се памети реакцијата на Меси откако полскиот напаѓач го запре со прекршок. Левандовски веднаш се извини, но Меси одби да се ракува со него. Аргентинецот во интервју за ЕСПН откри што се случило.

Во позадина на нивната кавга е изјавата на Меси за Левандовски од доделувањето на Златната топка во 2021 година. Наградата не беше доделена претходната година поради коронавирусот, а општиот впечаток беше дека ја заслужи Полјакот, кој на 29 натпревари за Баерн таа сезона постигна 41 гол и асистираше уште седум. Една година подоцна до неа дојде Меси, кој во својот говор кажа колку им се восхитува на постигнувањето на Левандовски и истакна дека сите мислат дека Полјакот го заслужил тоа за претходната година.

Меѓутоа, Аргентинецот воопшто не гласаше за Левандовски, кој му замери за тоа и рече дека „би сакал зборовите на Меси да биле искрени, а не шупливи“. Поради ова била и кавгата за време на СП во Катар.

„Неговите зборови ме вознемирија зашто искрено го кажав тоа што го чувствувам. Ме повреди и бев лут. Затоа го игнорирав и продолжив да дриблам. Тој не требаше да го каже тоа", објасни Меси, додавајќи дека оттогаш расчистиле сè и дека нивните односи сега се одлични.