Кина го доби СП за клубови во 2021, па САД да не останат покуси веќе го бараат СП 2025

Светската фудбалска федерација (ФИФА) вчера и официјално потврди дека првото вистинско клупско Светско првенство со 24 екипи планирано за 2021 година ќе се одржи во Кина, па не требаше да минат ни 24 часа, експресно да дојде информација од САД дека оваа земја е најсериозен кандидат да го организира следниот ваков Мундијал во 2025 година.

Од поодамна САД и Кина се големи ривали на секое поле, од поодамна се и во „трговска војна“, па сега и на спортски план се пренесува тој ривалитет. САД сака заедно со Мексико и Канада да го организира клупското СП во 2025 година, кое би било како проба за шампионатот што ќе се одржи една година подоцна на исто место, за кое Американците како носители на целиот проект со силна политичка кампања и дури и закани од државниот естаблишмент го добија за организација.

ФИФА од пред шест месеци донесе одлука да го укине за две години актуелниот клупски Мундијал само со конетиненталните шампиони, кој се одржува секоја година и да воведе вистинско клупско СП со 24 земји, за кое форматот на натпревари и како ќе се пополнуваат местата допрва ќе одлучува на мартовскиот состанок.

Последните две изданија на актуелниот формат на клупскиот Мундијал ќе се одржат во Катар, во декември годинава и истиот месец догодина, по што следува вистинското СП во јуни и јули 2021 година. Ваквиот Мундијал ќе се игра како нормалниот, на секои четири години.