Хрватска го прати кон Москва најголемиот авион со навивачи во својата историја!

Хрватите живеат за денешниот ден. Порталите пишуваат дека ова е најважниот фудбалски натпревар во последните 20 години и навистина е така. Тоа го покажува и заинтересираноста на навивачите, кои утрово отпатуваа со досега невидено голем авион.

На „Лужники“ во Москва вечерва се очекува да има околу 10.000 Хрвати, кои ќе навиваат за достигнување на најголемиот успех во нивното фудбалско постоење. Тие веќе испишаа историја полетувајќи кон Москва со најголемиот авион досега.

На аеродромот во Загреб, утрово полетал Боинг 777-300ЕР, кој понел за Русија 457 навивачи одеднаш. Ова е незабележано во хрватската историја, а станува уште поголемо кога ќе се соберат и останатите летови во овие два дена. Синоќа и утрово од Загреб кон Москва заминале уште шест чартери со вкупно 1.000 навивачи.

Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) завчера продал дополнителни 3.000 билети, кои ги добил за полуфиналето, а од претходно имал продадено 6.400. Ако на ова се додадат и најуопрните, кои дошле до билети и по заобиколен пат, тогаш Хрватите на „Лужники“ ќе ја надминат бројката од 10.000.

Натпреварот се игра вечерва во 20 часот, точно на денот кој пред 20 години им донесе бронза на Хрватите, на СП 1998.