Пеп има свои методи, ги изненадил фудбалерите пред реваншот со Реал

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, денеска ги изненадил своите фудбалери откако им соопштил дека нема потреба да доаѓаат на тренинг и дека е подобро да поминат време со семејството и пријателите пред утрешниот реванш од осминафиналето во Лигата на шампионите против Реал Мадрид.

Имено, екипата вчера по враќањето во Манчестер одработи регенерациски тренинг по дуелот со Вест хем, во кој загуби два важни бода во трката за шампионската титула во Англија со Арсенал.

По два последователни разочарувачки резултати, Гвардиола според островските медиуми проценил дека најдобра подготовка за реваншот е слободен ден.

„Граѓаните“ утре ќе имаат краток состанок, а потоа во 21:00 часот ќе излезат на терен во натпревар во кој ќе се обидат да ја надополнат негативата од 3-0 од првиот натпревар. Ќе потсетиме, Реал во Мадрид во првио натпревар три гола постигна уште во првото полувреме, а сите три беа дело на Федерико Валверде.

Како ваквата одлука на Пеп која досега не ја практикувал ќе им помогне на фудбалерите ќе видиме утре во реваншот.