Фудбалскиот „Пабло Ескобар“ уапсен во Дубаи – се соочува со шест години затвор!

Холандскиот фудбалски интернационалец, Квинси Промес, бил уапсен на аеродромот во Дубаи на враќање од подготовките со екипата на Спартак Москва, објавија руските медиуми, па сега се соочува со екстрадиција во својата држава каде што ќе треба да „одлежи“ шест години во затвор.

Тој е осуден на шест години затвор поради учество во шверц на голема количина на кокаин, а претходно доби казна од 1,5 година затвор поради напад на член од семејството на семеен собир. Неколку руски медиуми пишуваа дека постои можност да биде испратен во Холандија, но според дел од нив Промес подоцна со специјален лет ќе се врати во Русија.

Холандија нема договор за екстрадиција со Русија, поради што 32-годишниот фудбалер без проблем престојуваше во Москва. Ова не важи во Обединетите Арапски Емирати, кои имаат договор за екстрадиција со Холандија, поради што неговата судбина сега е неизвесна.