ФИФА почна да забегува: На СП во Катар наместо судии ќе има – роботи?!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) полека почна ептен да забегува со користењето на технологијата во фудбалот, па после воведувањето на ВАР како дополнителна судиска помош, за две години на СП во Катар можно е наместо арбитри да има – роботи.

Директорот за технологии во ФИФА, Јоханес Холцмилер во разговор за германска АРД истакнал дека се размислува роботи да ги заменат линиските судии, а револуционерната промена треба да се тестира на клупското СП на крајот на годинава, пред да се донесе одлука дали системот добро функционира и ќе може да биде имплементиран на Мундијалот.

Новиот систем со роботи треба да се воведе како исправка на грешките што ВАР ги покажува, а идејата е роботите крај линијата постојано да бидат во линија со последниот дефанзивец и да „влечат линии“, а ако некој се најде во недозволена ситуација да го алармираат главниот судија.

„Идејата на проектот е да се забрза прегледувањето на снимките и да се олесни работата на ВАР. Линиите за офсајд нема да ги влечат судиите во ВАР-собата, туку роботите, па процесот ќе се забрза. Во моментов линиите се влечат откако ќе се замрзне сликата при спорниот момент, па се анализираат и сето тоа одзема време. Но, некогаш ни снимките не се добри за да се фати моментот при додавањето“, вели Холцмилер.