ФИФА денеска го прогласува најдобриот: Меси, Роналдо или Ван Дајк?

Вечерва во 20.30 часот во миланската „Скала“ ќе се одржи гала-вечерта на доделување на најдобрите во организација на ФИФА.

Во главната категорија за најдобар фудбалер ќе конкурираат Лионел Меси, Кристијано Роналдо и човекот кој ги победи двете легенди во изборот на УЕФА, Вирџил ван Дајк. Дали фудбалерот на Ливерпул повторно ќе ја добие наградата пред двајцата кои изминативе 15 години доминираат во сите избори за најдобри фудбалери, останува да видиме.

Во категоријата за најдобра фудбалерка, трите финалистки се Американките Алекс Морган (Орландо) и Меган Рапино (Реин ФЦ), како и Англичанката Луси Бронз (Лион).

За најдобар тренер конкурираат тројца кои водат англиски клубови, а тоа се Јирген Клоп (Ливерпул), Пеп Гвардиола (Манчестер сити) и Маурисио Покетино (Тотнем). Во женскиот фудбал за најдобри тренери номинирани се Џил Елис (САД), Фил Невил (Англија) и Сарина Вигман (Холандија).

Алисон Бекер (Ливерпул), Едерсон (Манчестер сити) и Марк-Андре тер Штеген (Барселона) ќе се „борат“ за наградата најдобар голман. Во женска конкуренција за најдобри голманки номинирани се Кристиане Ендлер (Чиле/ПСЖ), Хедвиг Линдал (Шведска/Челси/Волфсбург), Сари ван Венедал (Холандија/Арсенал/Атлетико Мадрид).

За наградата „Пушкаш“ за најдобар гол изминатата сезона номинирани се Лионел Меси, Хуан Фернандо Кинтеро и Даниел Шори.