ФИФА демантира: Ние не тестираме нови правила на турнир во Холандија!?

Откако се појавија информации низ европските медиуми дека на турнир во Холандија се тестираат нови правила кои во иднина би можеле да бидат имплементирани, по што фудбалската јавност се крена на нозе за „глупостите“ што се смислени, Светската федерација (ФИФА) демантира дека е вклучена во такво нешто.

Според информациите, на турнирот ќе се тестирало „летечки измени“, т.е. тренерите да направат замени колку што сакаат, како во ракометот, полувремињата ќе се скратат на 30 минути активна игра, што значи ќе се сопира времето при секој прекин како во футсалот. Па аути ќе се изведувале со нога...

„ФИФА сака да разјасни некои работи откако во последно време кружат различни информации околу наводна намера на ФИФА да испроба експериментални правила на младински турнир во Холандија. ФИФА нема намера да тестира било какви промени што се наведени, а тие промени не се ни разговарани во ФИФА или Меѓународниот фудбалски борд (единствен надлежен за промена на правилата на игра – н.з.)“, објавија од светската централа.