Драма: Португалија со пресврт до победа над Хрватска! (ВИДЕО)

Со погодок во 94. минута од судиското продолжение, репрезентацијата на Португалија славеше над Хрватска со 2-1 и обезбеди билет за осминафиналето на Светското првенство, каде ќе игра против Шпанија.

Ова беше еден од најдинамичните и највозбудливите натпревари на овој Мундијал, во кој видовме три гола, низа големи шанси, стативи, пречки и неколку поништени погодоци.

Португалците доминираа во првите 45 минути, постојано напаѓаа и креираа прилики пред противничкиот гол, додека „коцкастите“ беа безопасни. Сепак, мрежите мируваа по првиот дел.

Сликата на теренот комплетно се промени по паузата. Хрватите тргнаа офанзивно и веќе во 53. минута Перишиќ погоди за предност од 1-0.

Набрзо потоа, Хрватска постигна уште еден гол кој беше поништен поради офсајд, а истата судбина на спротивната страна го снајде и Кристијано Роналдо, чиј погодок исто така не беше признат поради недозволена позиција.

Израмнувањето пристигна во 68. минута кога за Португалија беше досуден пенал по реакција на ВАР собоaтa. Одговорен изведувач беше Роналдо, кој прецизно погоди од белата точка за 1-1.

Драмата кулминираше во финишот. Во 81. минута Сучиќ ја затресе португалската мрежа, но голот одново беше поништен поради офсајд. Веднаш потоа видовме и две големи несреќи на двете страни – Леао ја погоди пречката за Португалија, а Ковачиќ ја стресе стативата.

Одлучувачкиот момент се случи во 94. минута. Новиот фудбалер на Милан, Рамош, одлично реагираше на нафрлувањето од Леао и со глава донесе целосен пресврт и победа за Португалија од 2-1.

Дека Хрватите немаа среќа на овој меч потврдува и последната акција пред самиот крај, кога постигнаа гол за израмнување, кој исто така беше поништен поради офсајд позиција.

Португалија продолжува во следната фаза каде ја чека мега-пресметката со Шпанија.