Циркус во Буенос Аирес: Навивачите на Ривер и Бока масовно ги враќаат билетите за Суперкласико

Откако најголемото светско дерби Ривер плејт – Бока јуниорс во реванш-финалето од Купот Либертадорес беше преселено на „Сантјаго Бернабеу“ и ќе се игра в недела од 20.30 часот во шпанската престолнина, навивачите на двата великани ги враќаат билетите за мечот, зашто им е прескапо за да допатуваат до Шпанија на епскиот реванш.

Како што објавија аргентинските медиуми, досега навивачите на Ривер и на Бока вратиле помеѓу 3.000 и 10.000 влезници, кои биле во слободна продажба за аргентинските навивачи во Буенос Аирес. Причина се големите тошоци за пат и сместување, а најмногу и поради поскапувањето на билети поради четиридневниот празник во Шпанија.

На Аргентинците им требаат најмалку 2.000 евра за авионски билет од Буенос Аирес до Мадрид, плус пари за сместување и за трошење, а сето тоа е премногу за стандардот на еден просечен Аргентинец.

Инаку во Шпанија стравуваат дека соаѓањето на озогласени хулигани, кои се на црна листа може да донесат проблеми. Еден хулиган веќе е вратен, иако аргентинските власти му дозволиле да излезе од Земјата. Станува збор за Масимилијано Мацаро, еден од главните водачи на хулиганите на Бока, кој се качил на лет за Шпанија, но експресно бил депортиран назад.