Бразил се спаси од нова бламажа - со гол во 89. минута (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Бразил е далеку од своите најдобри денови, но сепак блиску до нов пласман на Светското првенство.

Од синоќа е на четвртата позиција во јужноамериканските квалификации откако многу тешко дојде до победата против Чиле, уште една селекција која поминува низ голема криза. Петкратниот светски првак славеше со 2-1, но головите за пресврт и победа ги постигна во последните минути од првото и второто полувреме.

Чиле поведе во втората минута преку Едуардо Варгас и се наоѓаше во водство до судиското продолжение од првиот дел кога Да Круз успеа да израмни. Во продолжение Бразил доминираше, но без да создаде големи шанси за гол, па на погодокот за победа се чекаше до 89. минута. Стрелец беше Луиз Енрике кој влезе во игра на средината од второто полувреме.

Бразил сега има 13 бода, а со евентуална победа против аутсајдер на домашен терен за четири дена, може да направи уште еден голем чекор кон пласманот на Светското првенство.

РЕЗУЛТАТИ
Чиле - Бразил 1-2
Еквадор - Парагвај 0-0
Венецуела - Аргентина 1-1
Боливија - Колумбија 1-0
Перу - Уругвај вечер
ТАБЕЛА: Аргентина 19 бода, Колумбија 16, Уругвај 15, Бразил 13, Еквадор и Боливија по 12, Венецуела 11, Парагвај 10, Чиле 5, Перу 3.