Бизарно: Играчите, судиите и камерманите исполегнаа на терен за да се спасат од – пчели (ВИДЕО)

Ептен бизарна сцена се случи за време на пријателскиот натпревар меѓу Сити ФК Абуја и ЈКУ ФК во Танзанија, кога во 77. минута голем рој пчели слетаа на теренот и трибините на стадионот „Квара“, настан што предизвика паника кај играчите и гледачите.

Судиите брзо реагираа и им дадоа упатство на сите присутни да легнат и да останат неподвижни за да избегнат убоди. Нивниот совет беше веднаш послушан – фудбалерите и судиите исполегнаа на тревникот, резервните играчи и тренерите покрај теренот, дел од навивачите на трибините, а снимателите дури и на скелите од каде ја пренесуваа средбата.

Необичниот призор за кратко време стана вирален на социјалните мрежи. Среќна околност е што упатството даде резултат: пчелите наскоро го напуштија стадионот, а натпреварот продолжи без последици.